Писмо од Европската федерација на новинарите

Август 17, 2011

По повод отпуштањето на претседателот на ССНМ Тамара Чаусидис од ТВ АЛСАТ-М со писмо до сопственикот Ферик Велија и до премиерот Никола Груевски се обрати претседателот на Европската федерација на новинарите Арне Кениг. Во писмото се вели:

Почитувани,

Ви пишуваме во име на Европската федерација на новинари (EFJ), регионалната група на Меѓународната федерација на новинари  (IFJ) која застапува повеќе од 260.000 новинари во повеќе од 30 европски земји, за да ја изразиме нашата голема загриженост во врска со ситуацијата во македонските медиуми  особено за произволните отпуштања.

Во јуни 2011 година, на годишниот состанок EFJ усвои Изјава со која се осудува “широко распространетото постоење на неправедни договори  со кои  вработените  се принудени да потпишат сопствен отказ  на почетокот од нивното вработување”. И покрај тоа  во изминатите недели бевме известени дека во прилог на оваа неприфатлива пракса, Претседателот на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) беше и самата отпуштена од  позиција во Алсат М телевизија од Скопје. Ова разрешување доаѓа откако претходно е отпуштен  друг синдикален претставник.

Ние сме силно вознемирени од широката и загрижувачка практика на отпуштања на  медиумските работници во Македонија, врз основа на договори потпишани под притисок или во отсуство на каква било соодветна мотивација освен наводна “спогодбена согласност”.

Всушност, ваквата ситуација нам ни делува како  бесрамно  кршење на стандардите на Европската унија и Меѓународната организација на трудот  кои се однесуваат на работничките права, а згора на тоа разрешувањето на синдикални лидери заради  нивните активности е јасен доказ за дискриминација и заплашување.

Со цел да се надмине оваа состојба, сметаме дека наспроти ова  Република Македонија треба да развие култура на социјален дијалог, фер работни односи и соодветна синдикална застапеност.

Медиумските работодавачи  како што е телевизијата Алсат-М се одговорни за прекумерен притисок, заплашување на вработените и кршење на работничките права. Со тоа, тие се обидуваат да ги замолчат  новинарите и нивните синдикати, што е во директна  спротивност со основните демократски принципи  за новинарството како јавно добро.

EFJ ги поддржува новинарите на Македонија и нивниот синдикат во нивната борба за правда. Загрижени сме за ситуцијата на новинарите во Македонија и во Југо-источна Европа и заедно со Организацијата на медиуми од Југо-источна Европа (SEEMO) се обидуваме да ги подобриме условите во кои работат.

Затоа ве повикуваме да се заложите во создавањето на фер работни услови за сите новинари. 

 

 Со почит,

Аrne König

Европската федерација на новинари (EFJ)

 

17 Август 2011 година, Скопје


Од денешната прес конференција

Август 9, 2011

Денешната прес конференција е свикана заради потребата да алармираме за една малициозна пракса која се почесто се применува во медиумите, но не само кај нив. Имено, станува збор за праксата работодавачите да се ослободат од непожелните работници врз основа на  злоупотребени потписи  за да се добие потврда за некаков спогодбен отказ.Тоа е незаконска постапка за која мораме јавно да проговориме. Конкретно по несупешните обиди да се замолчам како претседател на синдикатот мене ми е соопштено дека повеќе не работам во ТВ АЛСАТ-М и дека тоа се базира врз спогодбен отказ. Кога и како е дојдено до мој потпис и до документ што јас воопшто не сум го видела, ќе се утврдува во судската постапка која, немајте дилеми ќе ја покренам и ве уверувам дека ќе ја добијам.

Колеги, оваа прес конференција не е посветена на фактот дека сум незаконски отпуштена. Ова е проблем поголем од индивидуален случај безоглед што се работи за претседател на синдикатот кој е заштитен според ЗРО. Станува збор за метода со која се суспеднира Законот и сето она што тој го предвидува од аспект на работничките права. За ова е информирана Меѓународната и европската федерација на новинари, тие посебно ќе ја информираат Меѓународната организација на трудот затоа што ова не е само новинарски проблем, ова е нешто што се случува   и во другите гранки на стопанството и ова е  нешто што мора да престане да се применува. Светот за жал ќе  ја дознае грдата вистина дека во Македонија, во 21 век работниците се принудувани или злоупотребени сами да потпишуваат сопствен отказ. Контактите што вчера ги имав со колегите од Брисел ме уверуваат дека ова е податок на ниво на скандал и како таков ќе биде третиран.

Воедно јавно апелирам до коелеите синдикалци, претседателите на големите синдикални Сојузи, конфедерации и федерации  да преземат нешто. Ова е вистинското прашање за кое треба да се разговара на средбите со надлежните и со здружението на работодавачи.ССНМ е млад синдикат  и се уште се бори за своето место..но вие имате и средства и начин нешто да направите, да го адресирате овој проблем кој практично го суспендира Законот врз основа на кој ние како Синдикати ги штитиме своите членови. Ги повикувам и надлежните институции да реагираат.

Нема дилеми дека ова  е првенствено  атак врз синдикатот и обид да се сосече во корен, уште на самиот почеток секаква идеја да самоорганизираме и заштитиме.Пораката е јасна: ако ова можат да му го направат на претседателот на синдикатот кој според Законот за работни односи не може да биде отпуштен од ниту една деловна причина, тогаш што може да очекува синдикален член? Дека станува збор за тенденциозно заплашување на Синдикатот говори и фактот дека претходно  од работа на ист начин, со злоупотребен потпис беше отпуштен и нашиот синдикален преставник во АЛСАТ-М  Боби Христов.

Јас сум убедена дека овој потег на раководството на АЛСАТ-М  е сугериран и охрабруван и од други адреси, адреси кои се исто така се заинтересирани да бидеме заплашени и дезорганизирани како еснаф. Но– кога вака фронтално тргаат на нас веќе по пола година од нашето формирање  – тоа значи дека се плашат, тоа значи дека се свесни, можеби повеќе и од нас за нашата сила. Затоа е многу важно  оваа информација да не го зголеми  чувство на малодушност.Токму спротивното. Овој отказ за ССНМ е токму она што ни требаше:мотив повеќе, доказ повеќе дека сме на вистинскиот пат и дека ќе победиме.

Ова не е време за молчење, не е време за анонимни писма – време е за со име и презиме да проговориме што ни се случува. Време е да излеземе од стереотипите за луѓе кои се подготвени се да трпат и одмолчат. Барем ние како медиумски работници не би смееле да бидеме плашливи.. Колеги, секој оној што ја жртвува слободата и сопствениот интегритет заради социјалната сигурност на крај ги губи и двете.

Тамара Чаусидис


За А1

Јули 26, 2011

Здружението на новинарите и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумски работници изразува длабоко жалење поради стечајната постапка за ТВ А1 и искрено се надева дека таа нема да доведе до нејзино згаснување.

Очекуваме дека  сите надлежни инстанци ќе го споделат нашето уверување дека македонскиот медиумски простор би бил сериозно осиромашен со затворањето на најстарата приватна телевизија во Република Македонија. Особено загрижувачки е фактот што стечајната постапка би можела да доведе до губење на работа на  голем број наши колеги. Во таа смисла ССНМ веќе е во комуникација со синдикалниот претставник на ТВ А1 и до своите членови достави образец за побарувања кои треба да се упатат до стечајниот управник во случај на прекин на работниот однос. За сите натамошни чекори ССНМ на своите членови им нуди правен совет и помош.

Случувањата на „Перо Наков“ уште еднаш ја потенција важноста да  се организираме и да настапиме како единствена сила која ќе ги принуди работодавачите да не остават простор затворањето на некој медиумот да биде претставено како борба со криминал ставајќи знак  на еднаквост помеѓу новинарството и незаконското работење

Скопје 26.07.2011


Заедничко соопштение на ССНМ,ЗНМ и МИМ

Јули 18, 2011

Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми(МИМ) и Самостојниот  синдикат на новинарите и медиумските работници(ССНМ) изразуваат сериозна загриженост во однос на  предложените измени на Законот за радиодифузна дејност, со кои се предлага менување на структурата и бројот на членовите на Советот за радиодифузија (СРД) од 9 на 15 членови.

Промената на важни закони како што е овој , во брза постапка која не ги вклучува медиумите, експертите и релевантните организации во медиумската сфера дополнително ја комплицира ситуацијата со медиумите во земјава, а ние го толкуваме ова решение како наметнато.

Убедени сме дека секоја промена на регулативата која се однесува на медиумите секогаш треба да се разгледува и да се усвојува  внимателно, преку  транспарентен и отворен процес во кој потребите и сознанијата на медиумските професионалци, експертите и професионалните медиумски организации  ќе бидат земени предвид.

По објавувањето на нашата  реакција  во однос на ова прашање на 12 јули, побаравме итна средба со претставници на парламентарната група која предлогот за измени на Законот го поднесе во Собранието, како и со одговорните органи за оваа дејност во Владата.

На 14 јули остваривме средба со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, кој е првопотпишан пратеник на листата на подносители на предлог-законот, а на 15 јули се сретнавме и си министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Во разговорите побаравме предложените измени на Законот да бидат повлечени, а Владата и Парламентот да иницираат јавна расправа за проблемите во медиумската сфера, во која ќе се вклучат претставници на медиумите, на професионалните медиумски организации и експертите. Нагласивме дека ова  е добра можност да се разговара и да се изнајдат решенија за сите тековни прашања и проблеми во оваа област.

За жал, нашиот предлог не беше прифатен, и ни беше кажано дека предлагачите се уверени оти предложените измени на Законот ќе ја подобрат ефикасноста на СРД.

Врз основа на овие сознанија, сеге сме убедени дека намерата на предлагачите е Владата и владејачките партии да остварат комплетна контрола врз СРД. За нас, ова  прашање е многу сериозно затоа што независноста на СРД е клучна за независноста на електронските медиуми.

 

Свесни сме дека  Законот за радиодифузија не се спроведува најуспешно и дека пропустите во неговата имплементација придонесоа за лошата медиумска состојба во земјава, за што предупредувавме многупати досега.

СРД има голема одговорност за сегашната состојба со медиумите, но не  веруваме дека  со зголемувањето на бројот на неговите членови проблемите ќе бидат решени.

За крај, со жалење констатираме дека кај институциите во Р. Македонија не постои искрена намера да се отпочне сериозен дијалог со медиумската заедница за решавање на акумулираните проблеми. Разочарувачки е фактот што регулативата што се однесува на медиумите секогаш се носи во последен момент, во кратки и нетранспарентни постапки.

 

 

 


Поддршка и солидарност со колегите од „Време“ „Шпиц“ и „…е ре“

Јули 13, 2011

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) ги поддржува вработените во весниците „Шпиц“,„ Време“ и „… е Ре“ во нивните барања за исплата на личните доходи и на придонесите кои не им се подмирени.

ССНМ бара од УЈП да потврди дали  средствата кои беа понудени како гаранција во судскиот процес за случајот „Пајажина“се слободни и се на располагање на работодавачот или се блокирани за наплата на неплатениот данок.

Доколку средствата понудени за гаранција се слободни бараме од ПЛУС Продукција веднаш да ги исплати заостанатите плати и давачките за вработените. Во спротивно се остава простор за сомневање дека раководството има калкулантски пристап и работи на штета на нашите колеги.

ССНМ го повикува работодавачот да им овозможи непречен влез на новинарите во трите редакции, за да можат да ги подигнат личните работи кои им останале на работните места пред да бидат испратени на принуден одмор.

Воедно  апелираме до УЈП, судот и до останатите државни институции во сите правни правните постапки да ги почитуваат и заштитат правата на новинарите и медиумските работници кои им следуваат според Законот за работни односи .

ССНМ изразува крајна загриженост и неподелена солидарност со колегите кои  со згаснувањето на трите весници, од први август остануваат без работа .

 


ЗНМ солидарно со колегите во Утрински и ССНМ

Јуни 27, 2011

Здружението на новинари на Македонија силно се солидаризира со колегите од “Утрински весник” кои се противат на намерата на менаџментот на МПМ да отпушти од работа десет новинари. ЗНМ бара од сопствениците на весникот да се откажат од намерата да отпуштат новинари од работа и веднаш да влезат во преговори со синдикатот за да се изнајде друго решение за проблемите. Здружението бара од менаџментот на МПМ и раководството на весникот да престанат со притисоците врз новинарите, кои се противат на отпуштање на новинари, како еднострана мерка, за рационализација на трошоците во весникот. ЗНМ ја поддржува акцијата на ССНМ за солидаризирање со колегите на Утрински венсик преку потпишување на изјава за поддршка и го повикува своето членство масовно да се приклучи на акцијата. Здружението внимателно ќе ја следи состојбата и ќе ги поддржи сите следни чекори на ССНМ во справувањето со проблемите во “Утрински весник”.


Апел за солидарност!

Јуни 26, 2011

 

Почитувани колеги,
Ви се обраќаме како на членови на ССНМ и како на  медиумски работници кои се соочувате со лошите работни услови во овој сектор .За жал, колеги, доаѓа уште полошо време, уште поголеми отпуштања, кратења, штедења, затворања на медиуми. Ние немаме друг избор освен да се здружиме во онаа точка во која не се разликуваме – во барањето пристојни плати и пристојни услови за работа.

Вработените во Утрински весник веќе подолг период се соочуваат со закана за отпуштања за кои се стравува дека се само почеток на крајот на целиот весник. Неизвесноста и фактот дека менаџментот одбиваше да влезе во вистински преговори со синдикатот и само ги информираше  луѓето за одлуките кои се носат, во петокот предизвика спонтан прекин на работата на мнозинството колеги.

Но, прекинот на работата не е цел сама за себе. Никој, а најмалку колегите од Утрински весник сакаат да го уништат сопствениот медиум. Тие само бараат во целата „операција“  преку своите претставници  да имат право на глас и да бидат навремено информирани. Со други зборови, бараат од менаџментот висински преговори, а не да бидат изолирани од случувањата, игнорирани и селективно информирани само за имиња на тие кои ќе ја изгубат работата во првата група.

Синдикатот е тука тоа да го овозможи и целосно стои зад своите членови од Утрински весник. Но, синдикатот не е еден човек, синдикатот е секој негов член поединечно.

Затоа Ве повикуваме да го дадете својот придонес.

Не бараме од Вас ништо што би го загрозило вашето работно место или вашата позицијата. Бараме само да изразите солидарност со колегите од Утрински весник кои се во борба за преговори, во борба за достоинствено решавање на проблемите.

Се што треба да направите е да  потпишете ИЗЈАВА ЗА СОЛИДАРНОСТ
Таа нема само симболично значење, туку:
1. На колегите од Утрински весник ќе им покаже дека не се сами
2. На раководството на МПМ ќе му покаже дека никој од вработените во компанијата која ја раководат не сака да дојде во таква ситуација
3. На јавноста,но и на сите оние  кои во медиумите гледаат алатка за остварување на своите интереси ќе им покаже дека знаеме да се обединиме и дека сме на пат да станеме силни

Нашите синдикални активисти  деновиве ќе дојдат и до Вас со изјавата за солидарност.
Приклучете се!
Тој мал гест денес, утре може да биде причина која ќе спречи и Вие да дојдете во ситуацијата во која сега се други колеги!


ССНМ на конференција на ЕФН- Клучот на слободата на медиумите:Новинарството како јавно добро!

Јуни 14, 2011

За прв пат од своето основање ССНМ ќе учествува на годишна конференција на европската групација на Меѓународната федерација на новинарите  (ЕФН) која се одржува на 15-17 јуни во Белград.

Една од првите теми за кои ќе разговараат преставниците на синдикатите и здруженијата на новинарите од Европа е раскинувањето од страна на ЕФН на рамковниот договор со германската медиумска групација ВАЦ , предностите и недостатоците на тој договор како и лекциите кои произлегуваат од тоа искуство. * Во таа смисла учеството на оваа конференција за ССНМ ќе биде одлична можност да се презентираат состојбите и  во однос на социјалниот дијалог меѓу македонските новинари и менаџментот на главните весници во сопственост на ВАЦ во Македонија.

Централната  панел дискусија на која ќе говорат и европарламентарката Тања Фајон, како и комесарот за човекови права на Советот на Европа Томас Хамерберг е посветена на  прашањето како слободата на медиумите да добие статус на основно човеково право.

Македонскиот синдикат кој од неодамна е примен во придружно членство на Меѓународната федерација на новинарите  ќе го претставува претседателот Тамара Чаусидис .Учеството е со финансиска поддршка на Фондацијата Фридрих Еберт

 

 

 

 

 

 

 

 

 

*Во ноември 2010 Европската федерација на новинарите го прекина рамковниот договор за соработка со германската медиумска групација ВАЦ поради, како што беше официјално соопштено, „неуспехот овој договор да придонесе кон нов социјален дијалог и подобри индустриски односи во регионот“ .

Поднесени првите тужби

Јуни 9, 2011

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ( ССНМ) прв пат од своето формирање  обезбеди правна помош за заштита на работничките права за своите членови.

Станува збор за осум новинари и медиумски работници ангажирано во Телевизијата “Пинк 15”  кои денеска (на 9 јуни)   поднесоа тужби против работодавачот поради неисплатени плати и придонеси за три месеца. ССНМ се ангажира во овој случај откако вработените безуспешно се  обидоа да издејствуваат плаќање на личните доходи преку преговори и штрајк.

На први април стапивме во контакт со работодавачот, а на средбата до која дојде на 28-ми  истиот месец ни беше ветено дека платите на нашите членови ќе бидат исплатени следната недела. Откако ова не беше исполнето на 9 мај испративме последно предупредување дека доколку до средината на месецот не бидат исплатени заостанатите плати  за состојбите во ТВ ПИНК  ќе бидат известени  и јавноста и Државниот трудов инспекторат, а ќе бидат преземени  и други легални  и правни мерки кои ни стојат на располагање.За жал и покрај сите чекори и покажаната добра воља нашите членови од работодавачот добија само  нови оправдувања за одложувањето на исплатата и нови рокови. Меѓудругото,  се наведуваше лошата  здравствената состојба на сопственикот, блокирана сметка,  немање пари и друго.
Откако ССНМ го пријави случајот во Трудова инспекција  беше исплатена само една, февруарска, од 4-те задоцнети плати. Потоа оваа акција не постигна никаков ефект.

Поднесувањето на тужбите беше е последниот чекор кој остана на располагање откако сите други начини за решавање на проблемите не вродија со плод.  Воедно, поднесувањето на тужбите е  испраќање на пораката  дека медиусмскте работници се подготвени да и кажат НЕ на бруталната експлоатација на која се изложени.


По повод 3 мај

Мај 3, 2011

По повод 3 мај Меѓународниот ден на слободата на медиумите трите медиумски организациии Здружението на новинарите на Македонија , Синдикатот на новинарите и медиумските работници и Македонскиот институт за медиуми одржаа заедничка прес конференција за состојбите во македонската медиумска сфера. На конференцијата е презентирана заедничка изјава со која се апелира на заедништво и солидарност во новинарската заедница во одбрана на слободата и достоинството на професијата.

ЗАЕДНИЧКА ИЗЈАВА

По повод меѓународниот ден на слободата на медиумите- 3 мај

Слободата на медиумите е сериозно загрозена. Загрозени се професионалниот и личниот интегритет на новинарите, не се почитуваат нашите економски и социјални права.
Медиумите се изложени на силен притисок од партиите, кои ги користат за политичка пресметка со неистомислениците. Медиумите им служат на сопствениците како инструмент за исполнување на нивните политички и бизнис интереси..

Законите што ја регулираат медумската сфера се спроведуваат селективно, државното рекламирање ја поткопува независноста. Уредничките тимови се немоќни да се спротивстават на ваквиот вкрстен притисок од политиката и од сопствениците.

Сето ова резултира со ниско ниво на почитување на професионалните стандарди и со кршење на социјалните права на новинарите. Ја заборавивме основната функција на новинарството – да му служи првенствено на јавниот интерес на граѓаните.

Во интерес на слободата на медиумите и заштитата на новинарската професија

БАРАМЕ:

1. Институциите надлежни за контрола и регулација на медиумите да воспостават непречена, неселективна примена на регулативата, за да се овозможи еднаква и фер позиција за сите медиуми на пазарот;

2. Институциите да обезбедат почитување на Законот за работни односи во сите електронски и печатени медиуми;

3. Политичките партии да престанат да се мешаат во работата на медиумите и да ги остават слободно да работат;

4. Сопствениците на медиумите да не ги претвораат во мегафони на партиските и бизнис центри на моќ.

5. Уредниците да застанат во одбрана на професијата и на новинарите и да се придржуваат кон професионалните стандарди и етиката;

Во спротивно, ќе ги именуваме институциите, партиските или бизнис кругови кои создаваат хаос во медиумскиот простор и ја убиваат смислата на новинарството.

Колеги, на денот на слободата на медиумите, Ве повикуваме да ни се придружите во одбраната на професијата, во одбраната на нашето достоинство и егзистенција.

Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ)
Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ)
Македонски институт за медиуми (МИМ)